Екипата на Куманово продолжува активно да го гради ростерот за новата сезона во македонската Супер лига. По обезбедениот опстанок, клубот започна со засилувања на позициите што останаа испразнети по заминувањето на неколку ракометари.
По ангажманот на Наум Костов, кумановци се пред договор и со уште еден ракометар кој доаѓа од редовите на Струга. Нов член на Куманово треба да биде Филип Мечкароски, еден од најперспективните средни бекови во македонскиот ракомет.
Мечкароски зад себе има одлична сезона во дресот на Струга. Тој беше втор стрелец на тимот со 107 погодоци, а воедно се вброи и меѓу најдобрите асистенти во Супер лигата, потврдувајќи ги своите организаторски и напаѓачки квалитети. Мечкароски подели 80 асистенции до своите соиграчи минатата сезона, најмногу од сите во елитната конкуренција.
Неговата кариера е исполнета со бројни индивидуални признанија уште од младинските категории. Беше МВП и во пионерска и во кадетска конкуренција на Ф4, а минатата година беше најдобар стрелец на традиционалниот струшки турнир.
Сите овие признанија се потврда дека Мечкароски со години важи за еден од најталентираните македонски ракометари од својата генерација. Со неговото доаѓање, Куманово добива креативен организатор на играта и играч кој може да направи разлика и како стрелец и како асистент.
Куманово остана без Давид Димевски, Тоше Ончев, Борјан Цековски, Мартин Иванов и Александар Стојков.

























