Репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство во Германија не ги оствари зацртаните цели и настапот на континенталниот собир го заврши на 11. позиција.
Според пишувањата на хрватскиот портал „24Сата“, поголемиот број репрезентативци не биле задоволни од работата на актуелниот селектор Горан Перковац.
Наводно, репрезентативците побарале селекторска промена, па така тешко е да се очекува дека Перковац ќе остане предводник во следните репрезентативни акции.
Иако Перковац по завршениот настап на ЕП истакнуваше дека има голема поддршка, сепак, најверојатно Хрватска ќе има нов селектор.
Како што пишува „24Сата“ сѐ почесто се споменуваат имињата на Чави Пасквал и Раул Гонзалез за селекторската функција на „каубоите“, но не е исклучена можноста евентуалниот наследник на Перковац да биде домашно име.
Оваа недела би требало да се знае дали Перковац ќе остане селектор на Хрватска, или пак „коцкестите“ во квалификацискиот циклус за ОИ ќе имаат нов предводник.