Орјоникидзе и Сковребадзе диригираа, Грузија ја совлада БиХ и остана во игра за ЕП!

Машката репрезентација на Грузија славеше против Босна и Херцеговина со 28-26 во квалификациите за ЕП 2026 и остана во игра за пласман на континенталниот собир.

Лидери на теренот на репрезентацијата предводена од Тите Каланадзе, беа бековите од Охрид и Гумерсбах, Теимураз Орјоникдзе и Гиорги Сковребадзе.

Двајцата постигнаа заедно 17 погодоци, а останатите голови беа дело на ракометари што играа во македонската Супер лига – Рустамов (Прилеп, Охрид) даде два, Дикаминџија (Струга) даде три, додека Кбилашвили (Металург) постигна пет гола.

Кај Босанците, Гргиќ погоди десет пати, а Алиловиќ стрелаше седум.

На табелата сега Исланд е прв со три од три, односно шест бода, додека Грција, Грузија и Босна и Херцеговина имаат по два бода.

Во следното коло Исланд ќе игра дома со Грција, додека Босна и Херцеговина ќе ја пречека Грузија.