Јубилејното, петто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ ќе донесе исклучително квалитетен ракомет во Охрид. Од 18 до 22 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се соберат осум екипи од Европа и Африка, поделени во две групи.
Во групата Б ќе играат македонскиот шампион Вардар, хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице, грчкиот шампион Олимпијакос и словенечкиот Тримо Требње.
За Тримо ова ќе биде втор настап на меморијалниот турнир во Охрид, откако словенечкиот состав лани за првпат гостуваше покрај езерото. Тогаш беше дел од групата со Вардар, Еурофарм Пелистер и Динамо Панчево.
Словенечкиот тим во новата сезона влегува со промени во играчкиот кадар, но со ист стратег. На клупата е искусниот Бранко Тамше, кој ќе има задача да го продолжи развојот на екипата.
Во изминатата сезона Тримо Требње освои бронзен медал во словенечката лига, додека во 2023/24 година беше освојувач на Купот на Словенија. Во 2025/26 стигна и до финалето на Купот, а клубот има и искуство од групната фаза на ЕХФ Европската лига.
Тамше: Турнирот ќе ни даде многу одговори
Тренерот Бранко Тамше добро знае што го очекува неговиот тим во Охрид. Тримо ќе се соочи со противници кои настапуваат во Лигата на шампионите и Европската лига, па турнирот ќе биде одлична можност за проверка на новиот состав.
„Во Охрид доаѓаме по вторпат и многу добро знаеме зошто учествуваме. Ќе се соочиме со квалитетни екипи од Лигата на шампионите и Европската лига, што е идеална можност уште подобро да го запознаеме нашиот тим и нашите играчи – да видиме како функционираат и како реагираат против противници од ова ниво.“
Тамше очекува натпреварите во Охрид да му дадат одговори и за начинот на игра кој сака да го гради со Тримо.
„Верувам дека овој турнир ќе ни даде многу одговори на прашањата што ги имаме во однос на нашата игра и филозофијата што сакаме да ја изградиме.“
Словенечкиот стратег има само пофални зборови за турнирот и организацијата.
„Турнирот е организиран на многу високо ниво и се игра во фантастична атмосфера. Ова е наше второ учество и можам да кажам дека турнирот станува сè посилен секоја година. Собира многу силни екипи од Европа и пошироко и токму тоа е една од главните причини поради кои сакаме да бидеме дел од него.“
„Ќе видиме колку сме успешни во тоа што го градиме“
Тримо во групната фаза го очекуваат Вардар, Нексе и Олимпијакос – противници кои Тамше целосно ги респектира.
„Во групата имаме одлични противници, екипи кои целосно ги почитуваме и добро ги познаваме. Веруваме дека ќе има добри и квалитетни натпревари од ракометен аспект.“
Целта, сепак, нема да биде само резултатот.
„Ќе се обидеме да го прикажеме нашиот систем и моделот на игра што го градиме и сакаме да го играме, а потоа ќе видиме колку сме успешни во тоа.“
Еден проблем за Тримо ќе биде некомплетниот состав. Поради повреди, во Охрид нема да настапат Елмас Авдиќ и Вељко Павловиќ, иако двајцата ќе бидат со екипата на турнирот.
Дидовиќ: „Ќе видиме каде сме во моментов“
Капитенот Давид Дидовиќ очекува тешки натпревари, но токму такви дуели му се потребни на Тримо во оваа фаза од подготовките.
„На турнирот во Охрид одиме со цел максимално да ги искористиме натпреварите против многу силни противници. За нас како играчи ова е одлична можност да видиме каде сме во моментов, како функционираме како тим и што треба дополнително да подобриме пред почетокот на сезоната.“
Дидовиќ смета дека дуелите со европски квалитетни екипи ќе бидат вистински тест.
„Ваквите натпревари се многу важни бидејќи бараат целосен фокус и ни даваат реална слика за нашето моментално ниво.“
Капитенот го пофали и турнирот во Охрид.
„Тоа е многу силен и добро организиран турнир кој секоја година привлекува квалитетни екипи. Очекуваме одлична ракометна средина, добра атмосфера и натпревари на многу високо ниво.“
Вардар и Загреб меѓу фаворитите
Дидовиќ очекува силна конкуренција во Охрид и смета дека Вардар и Загреб се меѓу главните фаворити за трофејот.
„Има неколку многу силни екипи на турнирот. Според реномето и искуството, Загреб и Вардар секако се меѓу главните фаворити. Но, турнирите секогаш се посебни и многу зависи од моменталната форма, подготовките и енергијата на тимот.“
Сепак, во Тримо најмногу ќе се концентрираат на сопствената игра.
„Ние главно ќе се фокусираме на себе и на тоа да извлечеме што е можно повеќе од секој натпревар.“
Пет нови ракометари во составот
Тримо Требње во новата сезона има пет нови имиња. Во клубот пристигнаа Арне Стрехар од Шкофја Лока, Петер Шишко од Шарт, Давид Свечко од Словен Градец, Ловро Вишчек од Слован и Гал Цирар од Холабрун.
Во спротивна насока заминаа Јака Соршак, Дарко Цингесар, Лан Грбиќ и Јанез Гучек, додека Матиц Пип ја заврши кариерата.
Состав на Тримо Требње:
Марко Мајсторовиќ, Арне Стрехар, Петер Шишко, Лука Кресал, Леон Рашо, Марко Котар, Андраж Станич, Ловро Вишчек, Тимотеј Грмшек, Вељко Павловиќ, Јан Јуречич, Гал Цирар, Давид Дидовиќ, Филип Базник, Давид Свечко, Урбан Лесјак и Марк Шаламон.
Стручен штаб: Бранко Тамше, Урош Удович, Радивое Ристановиќ, Руди Слободник, Тимотеј Мајзељ и Даша Кафол.
Тримо веќе одигра четири контролни натпревари
Словенечкиот тим пред доаѓањето во Охрид одигра четири пријателски натпревари. Забележа убедливи победи над репрезентацијата на Саудиска Арабија (39:23), Марибор Браник (45:23) и ЈАГС Вослау (39:28), додека загуби од Загреб со 31:25.
Распоред на Тримо Требње во Охрид
19 август, 21:00, Нексе Нашице – Тримо Требње
20 август, 18:45, Олимпијакос – Тримо Требње
21 август, 18:45, Вардар – Тримо Требње
22 август, натпревар за пласман
























