Денеска со натпреварот меѓу Вардар и Војводина во Охрид ќе биде отворена првата сезона на новоформираната Регионална лига во која партиципираат десет екипи од Македонија, Србија и Црна Гора.
Двобојот меѓу македонскиот шампион и српскиот вицепрвак ќе влезе во историјата како прв во машка конкуренција, откако Крим Љубљана и Локомотива Загреб го одиграа првиот меч кај дамите.
Вардар заврши втор на Струшкиот турнир и одигра три меча во четири дена, а по ден одмор, има нов предизвик.
Овој натпревар меѓу Вардар и Војводина е натпревар од 8 коло, но во договор на двете екипи ќе се одигра како предигра на стартот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Тимот од Нови Сад во групата на турнирот ќе игра и против домаќинот Охрид, а тој натпревар освен за турнирот, ќе се бодува и за регионалната лига.
Вардар и Охрид се дел од групата Б, додека тимот од Автокоманда и Еурофарм Пелистер ќе играат во групата А, а нивните први натпревари се на програмата на 23 август.
Натпреварот меѓу Вардар и Војводина ќе се одигра денеска со почеток од 17:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
























