Дебитантот Битигхајм е вториот патник во финалето откако успеа да триумфира против францускиот шампион Мец со резултат 36-29. Благодарение на подобрата игра во вториот дел и бројните одбрани на Габриела Морески, германската екипа ги казни грешките на Мец со што постигна историски резултат со пласманот на завршниот натпревар од Ф4 турнирот.
Натпреварот започна доста изедначено и екипата на Мец во 10. минута успеа да стигне до два погодоци разлика, но германскиот тим набрзо успеа да направи серија од три погодоци со што само за момент го презеде водството.
До крајот на првиот дел се играше доста изедначено и избраничките на Емануел Мајонад отидоа на пауза со минимална разлика 15-14.
Вториот дел започна со исто темпо и германската екипа успеа да направи разлика од 3 погодоци на средината на полувремето 24-21. До крајот на натпреварот Французинките направија доста грешки во нападот, додека на голот на Битигхајм брилјираше Морески што на крај резултираше со победа на Битигхјам 36 – 29.
Најдобар стрелец кај победничката екипа беше Ксенија Смитс со седум погодоци, додека во таборот на поразените со пет погодоци се истакнаа Клое Валентини и Луис Бургард.
По денешниот пораз, францускиот шампион кој пред две сезони успеа да го освои бронзениот медал во Будимпешта останува без борба за трофејот, додека германскиот дебитант против екипата на унгарски Ѓер ќе се обиде да стигне до првата победа на ова натпреварување.