Поранешниот шампион на Македонија, Куманово, е еден од 6-те екипи кои ќе учествуваат во плеј-оф фазата, односно ќе разигруваат за титулата во единственото женско сениорско натпреварување.
Куманово во регуларниот дел од сезоната забележа шест победи, едно реми и еден пораз, па може да се каже дека избраничките на Славиша Димитријески имаа успешен прв дел.
Една од главните алки во составот на Куманово, кружниот напаѓач Сара Цветановска, вели дека главната цел на нејзиниот тим во плеј-офот ќе биде презентирање на квалитетот.
,,Нашата главна цел во плеј-офот ќе биде да парираме на поголемите екипи и да го покажеме нашиот квалитет, кој го покажувавме досега, но и да ја подобриме играта, односно да ги поправиме грешките кои ги имавме во првиот дел од сезоната и да покажеме дека како млада екипа не сме за потценување”.
Цветановска очекува неизвесна трка, истакнувајќи дека ниту една екипа не треба да се потцени.
,,Мислам дека ниту една екипа не треба да бидат потценети со тоа што го имаат прикажано досега, мислам дека сите ќе бидат мотивирани и ќе посакуваат да го дадат својот максимум”.
Кружниот напаѓач се надева дека Куманово нема да има проблеми со никакви повреди.
,,Прво за нас успех би било сите да останеме здрави, без никакви повреди, да растеме заедно повеќе како екипа и заедно со тренерите да го дадеме нашиот максимум на секој натпревар, па успехот сам ќе си дојде по себе, конкуренцијата е голема и ќе биде многу интересно”.
Оваа сезона Женската лига се играше во три групи по пет екипи во регуларниот дел, во кој немаше никакви возбудувања, но затоа во плеј-офот ќе ги има многу повеќе.
,,Последните четири сезони се менува системот на играње, секоја година е различен. Мислам дека е време да се одреди еден систем по кој ќе се игра неколку сезони за да покаже некаков резултат. Очигледно со менувањето на системот секоја година, ние како екипа не можеме да дојдеме до посакуваната цел што е подобрување на квалитетот на лигата”.
Куманово во првото коло од плеј-оф фазата ќе гостува во Скопје кај Вардар. Овој натпревар ќе се одигра на 18 декември во спортската сала „Круме Кепески“, со почеток од 17:30 часот.