РФМ подели казни: Десет меча „ладење“ за мерач на време, Овче Поле ќе плати 27.000 денари, минус бод за Куманово…

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација имаше многу работа измината недела. Откако не успеаја во 2023 година да донесат одлуки за спорните одлуки во ноември и декември, тоа го направија во последната недела од јануари 2024.

По суперлигашкиот меч меѓу Тиквеш и „сино-белите“ од Автокоманда, и одлуката за висока казна за кавадарчани, на ред кај „дисциплинците“ на РФМ дојдоа и прволигашите.

Ракометарите на Овче Поле и Шампион, Дино Динев и Филип Спирковски, беа казнети со два меча суспензија поради коментари и реакции кон официјалните лица на натпреварите против Металург РА, односно Преспа Вардар.

Динев веќе одработи еден меч од суспензија, а вториот ќе го одработи во пролетниот дел, додека Спирковски ќе паузира на првите две средби од плеј-офот во март.

Три одлуки беа донесени за случувањата во машката Младинска лига. Тимот на Овче Поле ќе мора да и плати 27.000 денари на РФМ. 12.000 денари се поради непридржување до одредбите од пропозициите за натпреварување на средбите со Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 и со 15.000 денари поради тоа што немаа лиценциран тренер на клупата на средбата со Голден Арт.

Тиквеш ќе плати 6.000 денари, а дополнително играчот на кавадаречкиот тим Димитриј Ангелов беше суспендиран на еден натпревар поради директниот црвен картон на средбата со Бутел Скопје, но веќе ја одлежа суспензијата и ќе може да игра во првата рунда од пролетниот дел.

Две одлуки беа донесени по спорните ситуации во Младинската лига во женска конкуренција. Куманово не го одигра натпреварот со Вардар поради неоправдани причини и затоа РФМ го казни со парична казна од 15.000 денари и минус – 1 бод од бодовното салдо, а Вардар доби службена победа со 10-0 и три бода.

Екипата на Шампион ќе мора да и плати 6.000 денари на РФМ откако не доставила снимка од натпреварот со Спартак во предвидениот рок.

Тимот на Јуниор Кисела Вода е казнет исто така со 6.000 денари, поради тоа што не доставил снимка од натпреварот со Еурофарм Пелистер 2 во предвидениот рок во Ракометната федерација на Македонија.

Во машката Кадетска лига, беа донесени три одлуки. Ракометарите на Аеродром и Вардар Неготино, Димитар Брзачки и Лазар Кузев, беа казнети со суспензија од еден натпревар поради директните црвените картони што ги добија на натпреварите против Бисинов, односно Вардар. Брзачки веќе ја одлежа суспензијата, додека Кузев ќе паузира во првото пролетно коло.

Најголема казна дисциплинците на РФМ поделија за мерачот на време на Преспа, Оливер Ромевски, по мечот со Охрид, кој заврши реми, 27-27. Тој ќе мора да паузира на следните десет натпревари, првенствени или Куп натпревари и беше казнет според членот 122 на ДП на РФМ кој вели: „Записничар или мерач на време, кој несовесно ја извршува својата должност преку непочитување на правилата на ракометната игра и некоректен и неспортско однесување кон останатите учесници во натпреварувањето, ќе се казни со забрана за вршење функција до 10
натпревари или со парична казна“.