Со денешниот натпревар меѓу Вардар и Војводина официјално започнува машкиот дел од новоформираната Регионална ракометна лига.
Честа да ја отворат новата страница во регионалниот ракомет им припадна на два клуба со богата традиција и европско искуство. Вардар, кој е учесник во Лигата на шампионите, во новата сезона влегува со високи амбиции, додека Војводина во Охрид каде ќе се игра овој дуел, доаѓа со млад и перспективен состав.
Натпреварот ќе биде првата средба во машкиот дел од новото регионално натпреварување и воедно сериозна проверка за двата тима.
Капитенот на Вардар, Гоце Георгиевски, очекува квалитетен дуел и максимален пристап од „црвено-црните“.
„Нè очекува натпревар против млад, талентиран и многу мотивиран тим на Војводина. Добро ја знаеме традицијата и значењето на тој клуб, како и квалитетот што го поседува. За нас секој натпревар е важен за дополнително да ја унапредиме играта и подготвено да ги дочекаме обврските во Регионалната лига, домашните натпреварувања и Лигата на шампионите. Особено ни е драго што токму со овој натпревар започнува машкиот дел од Регионалната лига.“
На спротивната страна, тренерот на Војводина Милутин Лучиќ смета дека натпреварот со Вардар ќе биде одличен показател за моменталните можности на неговиот млад состав.
„Екипата на Вардар е составена од играчи со исклучителен индивидуален квалитет, подеднакво добро покриена на сите позиции. Вардар е учесник во Лигата на шампионите и ќе имаме можност да видиме каде сме во однос на учесник во најсилното европско клупско натпреварување. Имаме млад и перспективен тим, а со овој натпревар влегуваме во серија од пет силни натпревари во шест дена.“
Капитенот на Војводина, Марко Срдановиќ, го издвојува Вардар како еден од фаворитите за освојување на новото регионално натпреварување.
„Свесни сме за квалитетот на Вардар и за фактот дека во моментов е поискусна и поквалитетна екипа од нас. Го сметам за еден од фаворитите за освојување на Регионалната лига. Треба да се фокусираме на себе, овој натпревар да го искористиме за што подобро уигрување, пронаоѓање на вистинскиот ритам и подигнување на кохезијата во екипата.“
Дуелот Вардар – Војводина има и историско значење, бидејќи токму овие две екипи ќе ја имаат честа први да излезат на терен во машкиот дел од новата Регионална лига.
Мечот е закажан од 17:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
























