, Norway vs Sweden, Men's EHF EURO 2024 Germany, Hamburg, Germany, 23.01.2024, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Норвежаните ја декласираа „незаинтересираната“ Шведска , и се опростија од ЕП!

Во последниот натпревар од групата 2 од главната фаза , кој имаше ревијална нота, Норвежаните ја декласираа Шведска со 33:23, и со победа го завршуваат за нив очајниот настап на ЕХФ ЕУРО 2024.

 

Норвешка-Шведска 33:23 (15:12) 

Шведска со головите на Петерсон и Сандел го отвори мечот, а на спротивната страна Блонз погоди двапати за 2:2.Во еден растеретен натпревар во кој немаше императив победа, швеѓаните дваесетина минути одржуваа минимална предност. Сепак последната третина од првиот дел им припадна на Норвежаните кои при резултат 10-10, направија серија од 3-0 и се одлепија на семафорот 13:10. Во последната минута Лисе погоди за највисока предност на Норвешка од 15:11, а точка на првото полувреме стави Нилсон за 15:12 водство на Норвешка.

, Norway vs Sweden, Men’s EHF EURO 2024 Germany, Hamburg, Germany, 23.01.2024, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Норвежаните продолжија во исто темпо и во вториот дел, и со серија од 5-1 стигнаа до убедливо водство од седум голови разлика 20:13. Левото крило Блонц беше нерешлива енигма за шведските голмани и еден од главните креатори на големата предност на Норвешка.Колку и да имаа лежерен пристап кон овој натпревар, не беше пријатно за швеѓаните да ги гледаат настаните на теренот. Блонц со два нови погодоци зголеми на 26-17 , а истиот ракометар ја донесе Норвешка и до двоцифрена предност 28:18 на десетина минути до крајот. Швеѓаните делуваа тотално изгубено на теренот, тешко доаѓаа до противничкиот гол, па дури и со ракометар повеќе не успеваа да постигнат погодок. Норвешка ја казнуваше секоја грешка, и го зголемуваше водството кое во 52.минута гласеше неверојатни 30:18.На крајот Норвежаните славеа со резултат 33:23 и со победа над Шведска го завршија настапот на ЕП. За Швеѓаните овој пораз не значеше апсолутно ништо бидејќи тие веќе го имаа обезбедено пласманот во полуфиналето.

Незапирлив за шведската одбрана беше Александар Блонц кој постигна 11 голови, а во Швеска Сандел и Нилсон постигнаа по три.