Нејц Цехте се враќа во Македонија – ама не во Битола!

Според информациите на специјализираниот ракометен портал „Handballia“, словенечкиот десен бек Нејц Цехте би можел повторно да заигра во македонскиот шампионат, но овојпат во „сино-белиот“ дрес на екипата од Автокоманда.

Иако засега ова е во доменот на шпекулации, сепак постои реална можност искусниот ракометар да се пресели во скопскиот клуб во пресрет на новата сезона, а тоа ќе значи заминување на некој од македонските репрезентативци кои ја покриваат оваа позиција.

Цехте е добро познато име за македонската публика. Тој пристигна во Еурофарм Пелистер во летото 2023 година од данскиот ГОГ, но неговата епизода во Битола заврши предвреме. Кон крајот на ноември минатата година, германскиот Фуксе Берлин го ангажираше како замена за повредениот Фабијан Виде.

Договорот на словенечкиот репрезентативец со германскиот клуб истекува ова лето, што дополнително ги зголемува шансите за негова промена на средината. Во наредниот период се очекува да стане појасно дали тимот на Кирил Лазаров ќе успее да го реализира овој потенцијално значаен трансфер.

Овој потег на тимот од Автокоманда, чии резултати одат во надолна линија (второ место 2024, трето место 2025, а сега многу веројатно четврто место) покажува дека полека од македонски концепт ќе се врти кон странскиот пазар.