МВП НА 2 КОЛО ОД СУПЕР ЛИГАТА – МАРКО СРДАНОВИЌ (ВАРДАР)

Левото крило на Вардар, Марко Срдановиќ, го доби признанието за најкорисен играч, односно МВП на 2 коло од Супер лигата.

Српскиот интернационалец со осум погодоци беше меѓу предводниците на Вардар во победата против составот на Бутел Скопје.

Ова беше натпревар во кој „црвено-црните“ имаа висока предност, на крајот ја искомплицираа работата, но стигнаа до трите бода.

Левото крило освои околу 36% од гласовите, а имаше голема трка со средниот бек на Струга, Петар Бугариновиќ, кој имаше околу 27% од гласовите.

Во трка за МВП на 2. коло беа уште Филип Арсеновски, Христијан Митревски, Марко Кизиќ, Дејан Гошевски и Евгениј Темелкоски.