Младинци: Тиквеш со полн плен од мечот со Прилеп, Охрид победи убедливо кај Вардар

Изминатите неколку дена се играа натпреварите од седмата рунда во машката младинска лига.

На братскиот дуел меѓу Алкалоид и Мулти Есен во младинската лига, бодовите ги освои Мулти Есенс, кој триумфираше со 40-21.

На овој натпревар црвен картон заработи тренерот на Алкалоид, Љубомир Савевски. Екс селекторот на Македонија црвениот картон го доби поради недолично однесување кон судискиот пар Василевски и Михајлов.

Младинците на Охрид триумфираа на гостувањето кај Вардар со 20 гола разлика, 38-18. Преводници во нападот беа Никола Ристески со 12 и Лука Лангоски со десет погодоци.

Голден Арт предводен од Петар Стојаноски со 12 и Кристијан Стаменковиќ со десет гола, триумфираше против Еурофарм Пелистер со 45-23 во Битола. Во домашниот тим Благој Христовски имаше седум реализации.

Тиквеш ги освои трите бода против Прилеп, откако на домашен терен беше подобар со резултат 42-37. Кадетскиот репрезентативец Мики Лазов и младинскиот репрезентативец Славчо Шулески дадоа по 12 гола во тимот на Орданчо Лазов и беа меѓу најзаслужните за триумфот. Во редовите на Прилеп, Ангел Крстески стрелаше десет пати.

Младост на свој терен не дозволи изненадување и успеа да го победи Овче Поле. Тимот на Никола Роглев беше предводен од Ѓорѓе Атанасов со осум гола, додека кај гостите од Свети Николе, Бојан Гичев и Борјан Цековски комбинираа 15 погодоци.

Пролет забележа победа против Еурофарм Пелистер 2 со 36-29. Капитенот на младинската репрезентација Андреј Стојановски имаше седум гола во домашниот триумф, кај битолчани се истакна Димитар Вирловски со 12 погодоци, кои беа премалку за позитивен резултат

Лидер на табелата е Мулти Есенс со 18 бода, следуваат Голден Арт и Пролет исто така без пораз, но со едно реми и со по 16 бодови, додека Младост Богданци е на четвртото место со 12 бода.

Младинци, 7. коло, резултати:

Алкалоид – Мулти Есенс 21-40
Еурофарм Пелистер – Голден Арт 23-45
Тиквеш – Прилеп 42-37
Пролет – Еурофарм Пелистер 2 36-29
Младост Богданци – Овче Поле 33-27
Вардар – Охрид 18-38
Бутел Скопје слоб.