Машката репрезентација на Македонија славеше против Катар со 39-34 во натпреварот од второто коло во главната рунда на СП.
Голманот Никола Митревски, кој во досегашниот тек од првенството бранеше на ниво, ги сподели првите импресии по обезбедената победа над Катар и пласманот на Македонија во ТОП 20.
,,Најважно е што триумфиравме, дали имаме шанса, или не за четвртфинале, ние си ја играме нашата игра и одиме на победа на секој натпревар, не се оптеретуваме со тоа кој ни е ривал, гледаме дека на сите овие пет натпревари одигравме одлично, можеби доколку би имале повеќе среќа на останатите натпревари, тогаш би биле погоре и со повеќе поени. Од самиот старт ја контролиравме играта, имавме постојано водство, кога имаш чувство дека играте добро, знаете дека не може да изгубите, и покрај тоа што имавме неколку технички грешки и ривалот во одредени моменти се враќаше, но сето тоа беше контролирано, успеавме да победиме, доста се подготвуваме за овој натпревар и знаевме дека со победа ќе бидеме погоре, а пораз ќе беше се џабе”, вели Митревски.
Најдобар поединец во редовите на Катар, а воедно и на натпреварот, беше Франкис Марзо, кој запиша десет реализации, но немаше доволно поддршка од своите колеги.
,,Најголемата опасност беа со Жарко Марковиќ, како и нивните пикери, успеавме донекаде да ги затвориме, знаевме дека сме подобри од нив, очекувавме победа, жалиме за двете нерешени средби, средби на кои можевме да издвојуваме победа, на едниот фалеше трпеливост, на другиот можеби среќа, но тоа е зад нас, треба да учиме од минатото и тоа да го искористиме во иднина”, вели Митревски.
Последниот ривал во главната фаза е токму Франција, а овој меч се игра в сабота во „Вараждин Арена“ со почеток во 20:30 часот.