Металург Автокоманда триумфираше на незгодното гостување во Чаир

Ракометарките на Металург Автокоманда триумфираа на незгодното гостување кај Чаир со 33:30 во натпревар од 14. коло од плеј-оф фазата во Женската лига и со освоената победа останаа на втората позиција на табелата.

Првиот дел мина во голема борба, и главно до 25-та минута се играше гол за гол. Двете екипи наизменично се менуваа во водство, а и во двете имаше неколку ракометарки расположени за игра.

Избраничките на Дамчевска во завршницата од полувремето, со одлична игра, успеаја да стекнат предност повисока од два гола. Откако Чаир имаше водство од 14:13, гостинките направија серија од 4:0, па Металург Автокоманда замина на пауза со три гола предност, 17:14.

Од овие 17 гола на гостинскиот тим, дури девет беа дело на младата Јанкуловска, која беше нерешлива енигма за домаќинките.

Гостинките за неколку минути игра во вториот дел зголемија на плус четири, 19:15. До средината на вториот дел Металург Автокоманда водеше, но домаќинките не се предаваа и во 45-та минута направија камбек израмнувајќи на 25:25.

Од тој момент сѐ почна од нула, а по нерешените 26:26, избраничките на Дамчевски со три гола во низа на десет минути прред крајот се одлепија на 19:16, а составот на Басри Љатифи не можеше повторно да се врати во игра. На осум минути пред крајот дојде до голем прекин поради повреда на една од домашните ракометарки.

Најефикасна кај Металург Автокоманда беше Марија Јанкуловска со десет погодоци, исто толку постигна и Теодора Дукоска во поразениот тим.

Металург Автокоманда во следното коло ќе го пречека актуелниот шампион Ѓорче Петров, додека Чаир ќе им гостува на вардарки.