Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски по само една сезона ќе замине од бундеслигашот Потсдам.
Овој тим најверојатно ќе испадне во Втората Бундес лига, па Томовски кој брани во одлична форма ќе има нов предизвик во кариерата.
„Јасно е дека Мартин дојде за да игра во најсилната конкуренција, во која ние нема да бидеме следната сезона. Неговите перформански на последните натпревари покажуваат дека може да му даде на тимот многу повеќе“, вели Боб Ханинг, менаџерот на Потсдам.
Македонскиот голман вели дека е задоволен од времето што го минува во Потсдам.
„Морам да кажам дека уживам во времето поминато во Потсдам, иако ми требаше некое време да се пронајдам себе. Секако, јас сум еден од поискусните во тимот, но и покрај тоа се уште имам да учам. Запознав прекрасни луѓе, вистински професионалци, и ќе направам се што можам да уживаме заедно во последните неколку месеци во Потсдам. Иако ракометот е мојата главна преокупација, моментите, пријателствата и искуствата се многу поважни од тоа“, вели Томовски.
Во Македонија тој бранеше за Металург и Вардар, а во Бундес лигата беше дел од Лудвигсхафен.