Женската кадетска репрезентација на Македонија се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во училишен ракомет, откако запиша втор триумф.
Избраничките на Даниела Новеска славеа против Грузија со убедливи 45-13 и сега со Словачка, која се очекува да ја победи Белгија, ќе решава за првото место во групата.
Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога македонските ракометарки водеа со 22-9, а вториот дел беше шанса за настап за сите од клупата.
Рона Мифтари беше најдобар стрелец со осум гола, а по пет дадоа Тара Аврамовска и Мила Ристовска.
Утре од 10:30 часот во салата „Крсте Мисирков“ во Гази Баба, Македонија ќе го игра последниот натпревар од групната фаза против Словачка.
Ривалот во четвртфиналето ќе дојде од групата Д, каде што се Грција, Турција, Бугарија и Германија.























