Македонски нокаут за Грција

Машката кадетска репрезентација на Македонија славеше убедливо против Грција со 28-20 (4-1 во поени) во четвртото коло од Медитеранското првенство.

Напорниот ритам и четири меча за триесетина часа (Македонија е единствена селекција со четири меча во два дена), си го зема данокот. Нашите момци се помачија во првиот и вториот период, кога беше реми, 9-9, 9-9, но во третиот покажаа кој е кој и убедливо го надиграа противникот, 10-2.

Македонија сега на некомплетната табела по четири меча е на второто место со 10,5 бодови зад Египет кој има 13. Утре е слободен ден за македонските кадети, в четврток е дуелот со Косово, додека в петок пресметката со Романија, а в сабота мечот за пласман.

Натпреварите на овој шампионат се игра во три третини по 15 минути, се добива по еден бод за секоја добиена третина (или по 0,5 ако е реми), и уште два за победа.

Првиот период заврши реми, 9-9, откако примивме гол во последните секунди, а да не беше голманот Трсунов, можевме и да го загубиме. На стартот на вториот период , јужниот сосед успеа да искористи неколку наши грешки и се одлепи на 14-11 и 15-12, но полека Македонија се враќаше во игра. Костов израмни на 15-15, по што избраниците на Горан Кузманоски промашија два напади за водство.

Грција казни и одново поведе со два гола, но средниот бек Ѓорѓиевски двапати го наје патот до мрежата на ривалот и во последните секунди Македонија израмни на 18-18, односно 9-9 во вториот период.

Во третата третина доминираше Македонија, Трсунов одбрани во серија, Грците останаа со двајца помалку на терен, погодија Ѓеоргеивски и Петрески за 23-19 и веќе немаше назад за јужнот сосед. Македонската одбрана блескаше на чело со Трсунов, нападот имаше повеќе решенија и тоа резултатираше со само два примени гола, а десет постигнати за конечна победа со 28-20.