Младата македонска голманка Симона Грујовска на само 22 години мораше да стави крај на својата кариера поради повреда. Грујовска, која е родена во 2003 година, последно го носеше дресот на ЖРК Куманово. Таа во изминатиот период беше надвор од ракометните терени поради посериозна повреда, а токму ја на предвреме да стави крај на активното занимавање со ракомет.
За Грујовска ова е особено тежок момент ако се има предвид дека уште од најмладите години беше сметана за една од поголемите голмански надежи во македонскиот женски ракомет.
На само 15-годишна возраст доби можност да брани за Вардар, каде што настапуваше на домашната сцена под водство на Симе Симовски. Во тој период нејзиниот потенцијал беше препознаен и доби интересен прекар, „бејби Лејно“, по француската голманка Амандин Лејно, која тогаш беше дел од ѕвездениот состав на Вардар.
Грујовска рано почна да собира искуство на големата сцена, а еден од најзначајните моменти во нејзината млада кариера се случи во 2019 година.
Иако Вардар тогаш не успеа да го освои Купот на Македонија, откако во финалето загуби од Куманово, Грујовска беше прогласена за МВП на завршницата на Купот. Тоа беше уште една потврда за нејзиниот голмански потенцијал и најавуваше кариера со големи перспективи.
Подоцна Грујовска продолжи да настапува во македонскиот женски ракомет, а последниот клуб во нејзината кариера беше ЖРК Куманово. Претходно го бранеше голот и на Металург Автокоманда.
Сепак, тешката повреда направи голем пресврт. По долгата пауза од ракометот, Грујовска сега мора принудно да се повлече од спортот, и тоа на возраст од само 22 години.
Нејзиното повлекување претставува уште една загуба за македонскиот женски ракомет, особено ако се има предвид потенцијалот кој го поседуваше и фактот дека уште како тинејџерка беше издвоена како голманка од која се очекуваше многу.
Интересно е што ова е второ повлекување на млада голманка од македонскиот женски ракомет во релативно краток период. Неодамна во спортска пензија замина и Матеа Чурлиновска, која беше и дел од сениорската репрезентација.

























