Зечевиќ: Охрид е тим за големи дела!

Охрид со две победи обезбеди ново финале на турнирот во Струга и ќе има можност да го брани трофејот освоен минатата година. Новото засилување Никола Зечевиќ е задоволен од досегашниот настап, но смета дека екипата има уште многу простор за напредок.

Охрид ја заврши групната фаза на турнирот во Струга со максимален ефект. По победата над домаќинот Струга, „гладијаторите“ ја совладаа и Дубочица од Лесковац и обезбедија место во големото финале. Со тоа ќе ја бранат титулата освоена лани.

Еден од новите ракометари во составот на Борис Ројевиќ е Никола Зечевиќ. Српскиот бек смета дека е нормално Охрид во овој период да има осцилации, особено поради промените во екипата.

„Знаевме дека Дубочица е искусна екипа и дека тие играчи веќе подолго време се заедно. Тоа е нивна предност во однос на нас. Кај нас оваа сезона пристигнаа пет-шест нови играчи и нормално е дека ни треба време за целосно да се воиграме“, вели Зечевиќ.

Охрид против Дубочица мораше добро да се потруди за победата, а Зечевиќ е свесен дека во финалето ќе биде потребно уште подобро издание.

„Мораме да ја подигнеме енергијата за финалето. Работите што ни се случуваа на претходните натпревари таму не смеат да ни се повторуваат, особено ако противник биде Вардар.“

Зечевиќ во кариерата веќе имал можност да игра против Вардар и добро знае што носат натпреварите против „црвено-црните“.

„Имам одиграно два натпревари против Вардар во СЕХА лигата и тоа се два меча што ми останаа во сеќавање. Ако повторно се сретнеме, очекувам одличен натпревар.“

За новиот бек на Охрид ова е прво учество на Струшкиот турнир, а впечатокот по првите два натпревари е повеќе од позитивен.

„Првпат сум на овој турнир и навистина сум воодушевен. Атмосферата е феноменална, трибините се полни и се чувствува вистинска спортска и ракометна атмосфера. Во финалето очекувам вистински ракометен спектакл“, истакна Зечевиќ.

Охрид во новата сезона влегува со високи очекувања по историскиот успех и освојувањето на ЕХФ Европскиот куп. Клубот дополнително го засили составот, а Зечевиќ е еден од играчите кои треба да донесат нов квалитет.

Тој не сака однапред да ветува трофеи, но не крие дека амбициите се големи.

„Охрид е клуб со големи амбиции и сите ние мора да ги почитуваме тие амбиции и да дадеме сè од себе за да ги исполниме. Не можам однапред да кажам дали ќе освоиме нешто или не.“

За него патот до резултатите е јасен – работа и максимален пристап на секој следен натпревар.

„Најважно е да тренираме, да работиме и да одиме натпревар по натпревар. На секој меч мора да влегуваме максимално. Сигурен сум дека Охрид е создаден за големи работи и верувам дека можеме да ги оствариме зацртаните цели“, порача Зечевиќ.

Охрид сега има уште една задача во Струга – да го одбрани трофејот. А доколку од спротивната страна се најде Вардар, Зечевиќ очекува финале достојно за традицијата на турнирот.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________