СТРУГА 2026: Трајкоски царуваше на голот, Прилеп запиша триумф над Бутел Скопје

Екипата на Прилеп предводена од голманот Благојче Трајкоски, славеше над Бутел Скопје со 31-29 и сега е во предност за второто место во групата А, што носи битка за трето место на Струшкиот турнир.

Предводени од голманот Благојче Трајкоски, која запиша дури 16 интервенции, прилепчани му го расипаа дебито на Стојанче Стоилов на клупата на Бутел Скопје. Бутелци ги чека двобој со Вардар во последното коло.

Во првите десетина минути се играше според очекувањата израмнето и беше 6-6, но прилепчани искористија неколку грешки на бутелци за да се одлепат на позитива од три погодоци, 9-6.

Со одбраните на Трајкоски, прилепчани ја зголемија предноста, 12-8 која ја одржуваа кратко време. Откако на голот на Бутел Скопје застана Богдановски, момците на Стојанче Стоилов, ја стопија предноста на ривалите.

Тој фати пет топки за кратко време, Бутел Скопје погодуваше преку Јовиќ, Субашевски, Николоски…и веќе беше 13-13. До крајот на првиот дел имаше по четири гола на двете страни за 17-17.

Бутел Скопје остана без десното крило Бојан Спасовски, кој заработи повреда на коленото, па не влегуваше до крајот во игра. Стартот на вториот дел почна со неколку грешки, но и голмански одбрани на Трајкоски.

Прилепчани имаа залиха од еден до два гола предност, но Костов донесе 24-24, кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути. Нападот на Прилеп во тие моменти немаше многу идеја, па Бутел казни две грешки за 26-24.

Но и бутелци грешеа во серија, Трајкоски беше на ниво на голот на Прилеп, па избраниците на Наум Танески направија комплетен пресврт и поведоа со 28-26. Беше 29-27, а Бутел со голот на Михајловиќ внесе драма во финишот.

Немаше напад за реми, Шабановиќ погоди на спротивната страна и Прилеп на крајот ја запиша прата победа. Лука Јовиќ беше најдобар стрелец кај Бутел Скопје со седум гола, а по четири дадоа Субашевски и Ѓоргиевски. Кај прилепчани се истакна Шипинкоски со шест голови.

 

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________