Прилеп ја запиша првата победа на турнирот во Струга, откако во второто коло славеше против Бутел со 31-29. Владан Кастратовиќ верува дека прилепчани имаат состав кој може да се вмеша во битката за место меѓу најдобрите шест екипи во Супер лигата.
По стартниот пораз од Вардар, екипата на Прилеп брзо се врати на победнички пат и во вториот настап на турнирот во Струга го совлада Бутел Скопје. Сега прилепчани се во игра и за второто место во групата и да играат за третото место на турнирот.
Натпреварот против Бутел беше и добра најава за она што може да се очекува кога ќе започнат суперлигашките битки. Двете екипи имаат свои амбиции за место во горниот дел на табелата, а средниот бек на прилепчани Владан Кастратовиќ очекува голема и неизвесна борба за плеј-оф.
„Сите екипи имаат свои шанси. Мислам дека ќе има навистина добра борба и се надеваме дека Прилеп ќе успее да стигне до плеј-офот“, изјави Кастратовиќ по победата над Бутел.
Црногорскиот бек веќе подолг период е една од важните алки во играта на Прилеп. Минатата година ја продолжи соработката со клубот до 2027 година, а во Македонија претходно ги носеше и дресовите на Струга, Охрид и Куманово.
Во Прилеп сезонава не ја кријат желбата да направат исчекор. Клубот го задржа костурот на тимот, а покрај Трајкоски донесе и дополнителни засилувања. Уште во текот на летото беше јасно поставена целта – пласман во плеј-офот.
Победата против Бутел сигурно ќе донесе дополнителна самодоверба, особено затоа што дојде веднаш по дуелот со главниот фаворит Вардар.
Турнирот во Струга за Прилеп пред сè е дел од подготовките, но натпреварите со два директни суперлигашки ривали се добра можност екипата уште сега да види каде се наоѓа во однос на конкуренцијата.
Кастратовиќ верува дека Прилеп има со што да се вмеша во таа битка.
„Се надеваме дека Прилеп ќе дојде до плеј-оф. Ќе биде добра борба“, кратко порача средниот бек.
За Прилеп сега следува последниот настап на турнирот во Струга, а потоа продолжуваат подготовките за она што е многу поважно – почетокот на новата суперлигашка сезона и обидот амбициите за ТОП 6 да се претворат во резултат.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























