СТРУГА 2026: Охрид е прв финалист – преку Дубочица до битка за нов трофеј

Екипата на Охрид е првиот финалист на Струшкиот турнир, откако славеше над српскиот тим Дубочица Лесковац со 26-21. Со овие бодови и со претходните три од пресметката со Струга, охриѓани сигурно се први во групата и в сабота ќе се борат за нов трофеј покрај Црн Дрим.

Охриѓани и на овој дуел како и на оној со домаќинот имаа контрола над резултатот, но мораа добро да се испотат за да ги освојат бодовите. Дубочица Лесковац против Струга утре ќе се борат за второто место во групата што води во битка за третото место.

На голот на Охрид блескаше Дино Славиќ со 14 одбрани, а најдобри стрелци кај македонскиот тим беа Тилен Стрмљан со шест и Доминик Мате со пет погодоци. Кај Дубочица се истакнаа Вања Николиќ со пет и Горан Ристовиќ со четири гола.

На голот беше одличен хрватскиот репрезентативец Дино Славиќ, кој запиша дури девет одбрани во првото полувреме, а во еден момент Охрид водеше со 11-6. Сепак гостите од Лесковац не се откажуваа и намалија на 11-10.

Ројевиќ побара тајм-аут да ги смири своите избраници кои на паузата водеа со 14-12. Славиќ ја продолжи низата и во второто полувреме, иако Дубочица во повеќе наврати имаше негатива од еден гол.

Актуелниот освојувач на трофејот доминираше во последните десетина минути, се разиграа Мате и Стрмљан, па беше 23-18 и немаше дилеми околу тимот што ќе ги освои бодовите на овој натпревар.