Бутел во Струга настапува со подмладен состав и со Стојанче Стоилов на клупата, но амбициите остануваат високи за скопскиот тим. Голманот Марко Богдановски верува дека екипата ќе расте од натпревар во натпревар и дека може сериозно да се вмеша во битката за место меѓу најдобрите шест во Суперлигата.
Бутел не успеа да стигне до победа против Прилеп на турнирот во Струга, но Марко Богдановски смета дека младиот состав покажа карактер и најави дека сезонава нема лесно да се освојуваат бодови против скопскиот тим.
„Пред сè, сакам да му честитам на Прилеп за победата. Имаше фер и коректна борба на теренот и мислам дека прикажавме убав ракомет пред полни трибини во Струга“, изјави Богдановски.
Во Бутел ова лето беше направена сериозна промена во составот, а акцентот е ставен на млади македонски ракометари. Стојанче Стоилов ја презеде тренерската функција, а Богдановски смета дека токму вакви натпревари им се потребни на младите играчи за да растат.
„Во Бутел сезонава се собрани голем број ракометари кои се иднината на македонскиот ракомет. Тие заслужуваат внимание и заслужуваат да играат на вакви големи турнири. Привилегија е да се работи под водство на Столе Стоилов“, вели Богдановски.
Според него, клучот ќе биде во дисциплината и почитувањето на барањата од стручниот штаб.
„Кога ќе бидеме дисциплинирани и ќе ги почитуваме неговите планови за играта, ќе дојдат и резултатите. Веќе покажавме дека сме тврд орев и дека нема да дозволиме никој лесно да игра против нас во текот на сезоната.“
Секој меч ќе биде важен во битката за ТОП 6. Богдановски очекува многу израмнета сезона во делот од табелата каде ќе се води битката за плеј-офот.

Бутел, Прилеп, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2 и Куманово се меѓу екипите кои, според него, можат да се вмешаат во трката за местата што водат меѓу најдобрите шест.
„Конкуренцијата за плеј-оф ќе биде многу силна. Екипите се доста изедначени и за нас секој натпревар ќе биде како дерби. Секој меч може да биде одлучувачки за текот на сезоната“, истакнува голманот на Бутел.
Амбицијата не се крие – место во плеј-офот.
„Нашите цели остануваат исти. Сакаме да се докажуваме од натпревар во натпревар и нормално е дека ќе растеме. Ќе одиме на секој меч по победа и ќе го даваме максимумот.“
Младост, неколку искусни играчи и многу простор за напредок. Богдановски верува дека токму комбинацијата од млади ракометари и неколку поискусни имиња може да биде најголемата сила на Бутел во сезоната што следува.
„Ние сме млада екипа со неколку поискусни играчи. Треба да уживаме во ракометот, да се докажуваме и да растеме како тим. Ако го правиме тоа, мислам дека можеме да направиме добра сезона.“
Следниот тест во Струга е против РК Вардар, уште една можност младите ракометари на Бутел да играат против силен противник и да собираат искуство пред почетокот на официјалните натпревари.
За Богдановски, дуелот ќе има и лична тежина бидејќи Вардар е негов поранешен клуб, но поентата е јасна – сега целосниот фокус е на Бутел.
„Сега сум на другата страна. Ние си имаме свои планови и свои правила. Ако ги почитуваме, можеме да одиграме добар натпревар“, порача Богдановски.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























