Кадетската екипа на Македонија Ѓорче Петров со трофеј се враќа од Новогодишниот турнир што се одржа во српскиот град Бор.
Во финалето на овој турнир, македонската екипа славеше против домаќинот со убедлива разлика и го освои првото место.
Покрај тоа, членот на Македонија Ѓорче Петров, Матеј Пачемски, беше избран за МВП на турнирот.
Покрај кадетите, на овој турнир беа дел и пионерите на Македонија Ѓорче Петров, кои во финалниот натпревар одиграа реми, 22-22, со Борско Езеро, па организаторот реши двете екипи да го поделат првото место.
Оваа сезона Македонија Ѓорче Петров има одлични резултати во младинските категории, првата екипа веќе обезбеди место во плеј-офот во Првата лига и управата на клубот уште еднаш покажа дека квалитетната работа, особено со младите локални ракометари носи резултати.