Магдебург и Веспрем одиграа без победник во првата четвртфинална пресметка

Екипите на Магдебург и Веспрем одиграа нерешено, 26:26, во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите, па така патникот на Ф4 турнирот ќе се бара во Веспрем.

Освен нерешените 1:1, остатокот од првото полувреме помина во знакот на гостите, кои водеа, но без поголема комоција во играта. Веспрем во најголемиот дел од првиот дел имаше предност од два гола, а на пауза замина со плус три, 14:11.

Избраниците на Пасквал во второто полувреме водеа и со четири гола предност, но домаќинот на десет минути пред крајот, при негатива од 22:18, со серија од 4:0 израмни на 22:22. Од тој момент се играше гол за гол, бундеслигашот накратко го презеде водството, но натпреварот заврши без победник.

Одлична партија во редовите на Веспрем имаше кружниот напаѓач Лудовик Фабрегас, кој постигна девет гола од исто толку обиди. Кај Магдебург, најдобар беше Албин Лагергрен со осум погодоци.

Реваншот ќе се одигра на 1 мај во Веспрем, по што ќе биде познато која од двете екипи ќе патува на Ф4 турнирот во Келн.