Репрезентацијата на Македонија утре во рамки од 3. коло од групната фаза на СП за ривал ја има Гвинеја, која е дебитант на Мундијалот.
Нашите ракометари не би требало да имаат проблеми против африканската селекција, но селекторот Кирил Лазаров е претпазлив за утрешниот натпревар, пред сѐ поради претходните два исцрпувачки дуели.
,,Натпреварот со Гвинеја ни е од круцијално значење. Мораме да се мобилизираме и да го добиеме натпреварот. Нема да калкулираме воопшто, победата ни е потребна за пласман во втор круг. Можеби сме фаворити на хартија, но со оглед дека имавме две тешки и исцрпувачки дуели, очекувам тежок натпревар”, изјави Лазаров.
Гвинеја загуби од Холандија и Унгарија со по 17 гола разлика (40:23, 35:18).
Натпреварот меѓу Македонија и Гвинеја е на програмата од 18:00 часот.