Кизиќ: Ја остваривме првичната цел

Македонија славеше против Гвинеја со 29-20 и се пласираше во главната рунда на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Еден од творците на убедливата победа беше голманот Марко Кизиќ кој запиша 15 одбрани против африканскиот ривал.

Тој вели дека како одминуваше времето, така нашата селекција ја преземаше контролата на теренот.

„Одигравме одличен натпревар, ја остваривме првичната цел да поминеме во главната рунда. Можеби малку на почеток бевме во грч, но се опуштавме како што течеше времето. Поддршката од трибините добро ни дојде, потоа влеговме во ритам и одигравме борбено и мотивирано. Штета што не одиме понатаму со повеќе бодови. Имаме добра атмосфера во репрезентацијата и во соблекувална, првата цел е остварена. Австрија е квалитетна репрезентација и може да ја победиме ако бидеме вистински“, изјави Кизиќ.

Македонија во главната рунда ќе се соочи со Австрија, Катар и Франција.