Доброто второ полувреме на гостите од Скопје беше причина за триумфот на Пролет на гостувањето кај Струга, 29-27, иако средбата ништо не решаваше. Домаќините сега треба само да се подготват за баражот, бидејќи остануваат на претпоследното место на табелата во плејаутот, додека Пролет е во „златна средина“.
Гостинските голмани, Солев и Великиќески заедно имаа 17 одбрани, и беа еден од клучните фактори за победата. Одличен беше и Есад Дрпљанин кој даде 9 гола од 11 обиди.
Откако на почетокот на вториот дел Пролет го презеде водството, не дозволи до крај да биде изненаден. Имаше и „плус 4“ гола предност.
Неизвесно беше во последните минути. Гостите зголемија на 28-26 во 56 минута, а потоа три минути двете екипи се мачеа да постигнат гол. Четирипати промашија домашните, а откако Наум Костов даде гол за намалување на 28-27, останаа само уште 15-тина секунди кои беа недоволни за некој пресврт. На другата страна, во последните секунди Стојановски го постави конечниот резултат 29-27.
Мечот почна со сосема поинакво темпо. Домашната Струга имаше водство, дури и со 12-9 во 24 минута. Но, не издржа и за три минути резултатот беше израмнет, 12-12, а полувреме се замина со 15-15.
Кај домаќините Ненад Костоски беше двофицфрен, даде 10 гола, Наум Костов 7 гола, а голманот Тутенкоски имаше 11 успешни одбрани.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________


























