Македонскиот шампион Ѓорче Петров доби ривал по мерка во третото коло од Европскиот Куп, а тоа е белгискиот Ојпен. Станува збор за дебитант во европските купови, кој во второто коло беше подобар од литванскиот претставник Жалгирис Каунас во двомечот. На првиот дуел во Белгија, Ојпен славеше со 36-27, додека на реваншот загуби со двва гола, 29-27 и така прослави историски успех.
Според постигнатите погодоци, најголемата опасност по голот на Ѓорче Петров доаѓа од бековската линија. Левиот бек Нолвен Датолико даде 14 гола, додека средниот и десниот бек, Лоран Бекерс и Лин Буршапер постигнаа по девет погодоци на двата меча.
Во составот главно има ракометарки од Белгија, како и млади интернационалки од Франција и Германија по две. Покрај Датолико, втора Французинка е средниот бек Илона Ле Брижан, која има 21 година, а покрај Лин Буршапер, втора Германка е десното крило Челси Буто, која има 22 години.
Станува збор за млад тим, во кој најчесто играат ракометарки до 23 години, со исклучок на највозрасната Лора Мишел, која има 31 година, но таа не настапи во двомечот од второто коло.
Инаку Ојпен е вицепрвак на Белгија, откако во финалната серија на шампионатот беше поразен на два пати од Сент Труден. Ова беше само втора сезона во елитната конкуренција за Ојпен, но и покрај тоа избори место во Европа. Настапуваат во сала која има капацитет од околу 600 гледачи. Тренерот на екипата, Филип Рајнерц, беше прогласен за тренер на сезоната во изборот на белгиската федерација.
На стартот од домашното првенство Ојпен има четири победи и еден пораз во пет меча и се наоѓа на второто место зад Сент Труден, кој има максимален биланс.
По сите параметри македонскиот тим треба да ја има фаворитската улога, но таа треба да се докаже и на теренот. Во меѓувреме Ѓорче Петров ќе одигра пет средби од домашното првенство од кои три дерби натпревари со Чаир, Куманово и Металург Автокоманда, па формата сигурно ќе оди во нагорна линија.
Првата средба меѓу Ојпен и Ѓорче Петров треба да се игра во Белгија на 11/12 ноември, додека реваншот за седум дена во Македонија, освен ако двата тима не се договорат поинаку.
Убава шанса за осминафинале – Ѓорче Петров доби ривал по мерка