Заврши договорот на Грчевски – нова соработка или нов „кормилар“?

Македонската женска сениорска репрезентација на Македонија е без „кормилар“. На актуелниот селектор Кристијан Грчевски на крајот на минатиот месец му заврши договорот со федерацијата, па треба двете страни да седнат и да преговараат за нова соработка. Или можеби пак РФМ ќе се реши за нов селектор кој треба да продолжи со работата, но и да донесе новини и „чекор напред“

Грчевски од 15 септември 2023 година ја предводи сениорската репрезентација на Македонија. Дојде по заминувањето на Љубомир Савевски. Последното продолжување на договорот беше поврзано со настапот на Македонија во квалификациите за ЕП 2026 година.

На 26 средби Грчевски ги предводеше сениорките, и има девет победи. Под водство на Грчевски сениорките двапати се пласираа на завршните турнири на ЕП, во 2024 и сега во 2026 година. Ждрепката не ни беше наклонета, па на следното ЕП ќе играме во Романија во група заедно со домаќинот Романија, со Норвешка и со Швајцарија. Првите две репрезентации ќе продолжат во следната фаза.

На претходното ЕП во Унгарија игравме во група со домаќинот Унгарија, Шведска и со Турција. Го освоивме третото место играјќи нерешено, 25-25 со Турција.

Во меѓувреме не успеавме да се пласираме на СП 2025 година, откако загубивме во двомечот со Полска, на пријателските натпревари со Австрија и со Србија исто така бевме поразени. Но, ги освоивме турнирите во Охрид (Македонија) и во Анкара (Турција).

 

____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________