Тимот на Младост Богданци прослави уште една убедлива победа во прволигашката конкуренција и го совлада составот на Шампион со 60-24.
Момците на Горан Андоновски го решија победникот уште по првото полувреме, кога беше 30-9, а во вториот дел шанса добија пионерите Иванџиков и Лукиќ, кои погодија по три пати
Домаќините во секоја минута постигнуваа по еден погодок, а листата на стрелци ја предводеа Ѓорѓе Атанасов со 12 гола, Стамен Гогов со осум и Душан Каркалашев со седум. Тренерот Андоновски им даде минутажа на сите млади ракометари од Богданци, а погодија сите освен голманите Паунков и Костадиновски.
Во составот на Шампион, Давид Јовчевски стрелаше десет пати.
На табелата, Младост Богданци е втор со 41 бод, а лидери се „витамините“ од Автокоманда со 42 бода.
Овој меч имаше хуманитарен карактер и се собираа средства за малата Ника, па богданчани ја наполнија салата „Млаз“ и донираа за нејзиното лекување.























