Кадетски репрезентативец потпиша прв професионален договор со Младост Богданци

Новиот суперлигаш Младост Богданци активно работи на комплетирањето на играчкиот ростер за претстојната сезона.

Во Богданци домашните таленти секогаш се во преден план за раководството, кое врза уште од низата младите ракометари што ветуваат многу во иднина.

Кадетскиот репрезентативец Методи Младеновски го потпиша својот прв професионален договор со клубот.

„РК Младост 1977 продолжува да ја гради својата иднина со сопствени кадри! Со особена гордост објавуваме дека 17-годишното лево крило Методи Младеновски го потпиша својот прв професионален договор со нашиот клуб. Методи е дете на Младост 1977, ракометар кој ги помина сите младински категории, покажувајќи посветеност, дисциплина и голем потенцијал. Денес неговата работа е наградена со првиот професионален договор, а ова е само почеток на еден нов предизвик во сино-белиот дрес. Му честитаме на Методи и му посакуваме многу здравје, успеси и незаборавни моменти во дресот на РК Младост 1977. Заедно продолжуваме да ја градиме иднината на клубот“, напишаа од Богданци на социјалните мрежи.

Претходно Младост Богданци ги продолжи договорите со Живојин Илиќ, Даниел Андоновски и Ѓорѓе Атанасов, а останува и тренерот Горан Андоновски.

Досега клубот ги донесе пивотот Владимир Бојаниќ, левиот бек Тодор Узунчев, левото крило Славе Јанковски, десното крило Мартин Иванов и голманот Благој Панов, а се раздели со Кристијан Костадиновски, Лазар Адамовиќ, Никола Димитров и Жоао Гекас. Професионални договори потпишаа и двајца младинци – пивотот Мартин Стојановски и бекот Никола Тасев.

____________________________________________________________________________________________________
 ▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________