Специјализираниот медиум за ракомет во Македонија, 24Ракомет продолжува со изборите во кои главниот збор го имаат љубителите на ракометот, но од оваа сезона со нов формат.
Секој месец ќе ги избираме „Ракометарот и ракометарката на месецот“ во македонската Супер лига.
Промената доаѓа со желба изборот да опфати поголем период и повеќе натпревари, а со тоа и повеќе ракометари да добијат можност да се најдат меѓу кандидатите, но и се разбира да има и посилна конкуренција.
Редакцијата на 24Ракомет секој месец ќе издвојува пет ракометар(к)и кои со своите настапи најмногу се истакнале во изминатиот период. Ќе го потенцираме нивниот придонес во успехот на екипата, поради што се на листата.
Потоа изборот го преземате Вие, а гласањето е отворено до понеделник до 12:00 часот.
Во изборот за месец септември номинирани се по една ракометарка од Чаир, Ѓорче Петров 2, Вардар, Ѓорче Петров и Спартак.
НАЈДОБРА РАКОМЕТАРКА ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ:
Анастасија Николовска (Спартак)
Левото крило на Спартак е најдобриот стрелец во екипата и на секој меч има главна улога во нападот на тимот на Симе Симовски.
Емилијана Ризоска (Ѓорче Петров)
Македонската репрезентативка која беше во идеалниот тим на 24Ракомет за минатата сезона, ја започна новата сезона во ист стил.
Марија Анчева (Ѓорче Петров 2)
Искусната ракометарка ова лето дресот на Астибо го замени со оној на Ѓорче Петров 2 и ќе биде од голема помош за младите „лавици“.
Леона Миленкоска (Вардар)
Капитенката на Вардар на сите три меча на „црвено-црните“ во септември беше лидер на теренот на подмладената екипа.
Стефанија Ѓорѓиевска (Чаир)
По камбекот на Ѓорѓиевска во Чаир, овој тим доби на сигурност на левата крилна позиција и одлична реализаторка.
























