Французинот Матео Фадухил одигра натпревар за паметење во дресот на Вардар, постигнувајќи 14 гола против Висла Плоцк во Лигата на шампионите. За средниот бек ова е прва сезона во елитното европско натпреварување, но веќе покажа дека може да игра на највисокото ниво.
Она што го прави неговиот учинок уште поспецијален е семејната приказна зад рекордот. Фадухил со своите 14 гола го израмни достигнувањето на својот полубрат Елохим Пранди.
Левиот бек на ПСЖ во декември 2025 година постигна исто толку голови на гостувањето кај Барселона, а францускиот тим тогаш загуби со 38-33.
Така, двајцата полубраќа испишаа посебна страница во историјата на Лигата на шампионите, поставувајќи го најдобриот учинок за француски ракометари на еден натпревар во ова натпреварување.
Интересно е што двајцата ракометари ги направиле првите ракометни чекори во клубот Торси Марн Ла Вале.
Фадухил минатата сезона постигна 216 гола во француската лига во дресот на Трембле, а со настапите во Вардар потврдува дека има квалитет за големата европска сцена.
























