„Ќе ми беше полесно да нè исвиркаа – песната од цела сала ме погоди човечки!“

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, не го криеше разочарувањето по поразот од Висла Плоцк со 26-32 во Лигата на шампионите. Хрватскиот стратег уште еднаш ја презеде одговорноста за тактичките одлуки, но најемотивниот дел од неговото обраќање беше посветен на поддршката што ракометарите ја добија од трибините и покрај поразот.

Чупиќ призна дека, кога би можел да промени една работа од натпреварот, не би ризикувал со играта „седум на шест“.

„Нашата почетна идеја беше да играме со пивот, бидејќи знаевме дека одбраната на Висла ќе биде добра во текот на сите 60 минути. Тие можат да имаат натпревар со послаб напад, со повеќе технички грешки или со голмани кои немаат свој ден, но нивната одбрана на секој натпревар е на врвно ниво.“

„Сакавме да почнеме со Виктор на пивот, да немаме измени меѓу одбраната и нападот и од нашата добра одбрана да стигнуваме до лесни голови, исклучувања и седмерци. Кога видовме дека Висла добро се враќа и дека во тие моменти пивотот го затвора нашиот напад, преминавме на четворица бекови. Со таа игра се вративме во натпреварот, но потоа моравме да менуваме по двајца ракометари меѓу нападот и одбраната. Поради тоа примивме неколку лесни голови од брза транзиција.“

„Ако можам да променам нешто, сигурно не би го презел ризикот со ‘седум на шест’. Би продолжил со четворица бекови додека натпреварот беше отворен. Но, затоа сум тренер – морам да носам одлуки. Некои се многу добри, а некои многу лоши. Одлуките ги носам јас, не ракометарите“, истакна Чупиќ.

Тренерот на Вардар призна дека Висла во Скопје била подобриот тим, но порача дека тоа не значи оти неговиот состав треба однапред да се предаде пред реваншот во Плоцк.

„Висла денес покажа дека е подобар тим од нас, но за шест дена нè очекува нов натпревар. Тоа е нова шанса и никој не може да гарантира дека таму нема да одиграме подобро. Мислам дека можеме да бидеме конкурентни на секој натпревар во Лигата на шампионите. Така мораме да тренираме и така мораме да се однесуваме.“

Чупиќ останува зад амбициите што ги најави пред почетокот на сезоната и не сака неговите ракометари предвреме да се откажат.

„Пред сезоната кажав дека моја цел и сон е да стигнеме до завршниот турнир и нема по овој пораз да се откажам од тоа. За два или три месеци можете да ми се смеете и да ме наречете будала, немам проблем со тоа. Стојам зад своите зборови.“

„Нема да се плашам да одам во Плоцк и нема да им дозволам на моите ракометари да се опуштат и да мислат дека преостанатите натпревари треба само да ги одиграме, дека немаме што да бараме и дека треба да го чекаме февруари и Лигата на Европа. Мораме секој ден да стануваме подобри и да учиме и кога е добро и кога е лошо.“

По тесните порази од Мелсунген и Нант, убедливиот пораз од Висла донел поинакви емоции кај Чупиќ.

„Секоја екипа минува низ тешки моменти. По натпреварот со Нант беше тешко, но сега е уште потешко за сите нас. Никој не очекуваше и не веруваше дека осум минути пред крајот натпреварот практично ќе биде завршен. Добрата работа во спортот е што за неколку дена доаѓа нов натпревар, ново докажување, нови амбиции и повторно почнувате од почеток.“

„Чувството беше различно по Мелсунген, различно по Нант, а сега е трето чувство. По првиот натпревар бев разочаран, по вториот бев лут, а сега сум и лут, и тажен, и разочаран. Не се срамам тоа да го признаам. Истото им го кажав и на ракометарите.“

Најтешкиот момент за Чупиќ се случил по завршувањето на натпреварот, кога навивачите останаа во салата и продолжија да пеат и да му даваат поддршка на тимот.

„Многупати сум играл во ‘Јане Сандански’, и како ракометар и како тренер. Искрено, ќе ми беше многу полесно по натпреварот луѓето да нè исвиркаа и да си заминеа. Но, тие останаа и продолжија да нè бодрат. Тоа ми беше многу тешко.“

„Во тој момент сфатив дека не сме загубиле само натпревар. Ми беше тешко затоа што ова е мојот тим, ова е мојата екипа и не сакам да ги разочаруваме луѓето како што ги разочаравме. Кога ќе видите колку нè сакаат, колку го сакаат овој клуб и како остануваат во салата да пеат, тогаш малку ви станува и срам поради поразот.“

„Имав чувство дека направивме нешто лошо и дека сега мораме многу повеќе да работиме. За Вардар треба да живеете и да го сакате клубот. Сум губел со Вардар и како ракометар и како тренер, но ова пеење, бодрењето од целата сала и тоа што никој не сакаше да си замине ме погоди на лично, човечко ниво“, заврши Чупиќ.

Чупиќ ја презеде вината: Идејата со „седум на шест“ не помина – јас сум одговорен!

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾