Историјата се повтори за Еурофарм Пелистер

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја запиша првата победа во Лигата на шампионите во новата сезона, откако славеше кај данската Фредериција со 25-23.

Ова е само втора победа на гостински терен во историјата на настапите на пелистерци во најелитната конкуренција (третата е остварена во квалификации).

Историјата се повтори за битолчани бидејќи првиот триумф беше остварен исто така на гостување во Данска, но кај ГОГ Гудме.

Во сезоната 1996/97, на 13 октомври, Еурофарм Пелистер славеше кај ГОГ Гудме со 24-21, но оваа победа не беше доволна за пласман во осминафиналето (тогаш се играше на елиминации).

До крајот на оваа сезона, македонскиот шампион ќе има гостувања кај Фуксе Берлин, Спортинг Лисабон и Веспрем, а дома ќе игра против Фредериција, Висла Плоцк, Динамо Букурешт и ПСЖ.