Тажна вест, шок и неверување не смрзна рано утрово на овој 15 јануари. Засекогаш не напушти Ацо Јовиќ, уште еден ракометен борец, репрезентативец што со посебна гордост го носеше националниот дрес, селектор и тренер што вадеше нови генераци и што остави еден посебен свој белег во македонскиот ракомет.
Ацо го носеше и оној негов препознатлив акцент од детството поминато во БиХ, но и гордоста на македонските корени, по мајка наш, ресенски кичевчанец. Така го викавме.
Паметам кога се доселија од БиХ колку ние децата заразени со ракомет во нашата „Јанчица“ и цело Кичево се гордеевме кога нашиот Ацо заигра за македонската репрезентација и беше дел од генерацијата што го пробиваше патот за македонскиот ракомет. Бевме тука некаде, тие генерации од седумдесет и некоја…
Многу години подоцна често кога ќе се видеме знаевме да си поприкажеме за тие убави времиња. Една од тие средби беше во 2023 на доделувањето на наградите од „Ол Стар тимот“ за најдобар ракометен тренер во сезоната во која со Еурофарм Пелистер ја освои долгоочекуваната шампионска титула. Беше скромен како и секогаш, но и многу среќен за наградата. И тогаш некако на сите ни беше мило за тренерската „ѕвезда“ во неговите раце…Денеска во сета тага, ми е уште помило за таа награда.
Ацо замина неочекувано, изненадно…Замина кога требаше да ги собира плодовите од својата посветеност на ракометот во најпродуктивните тренерски години. Беше, чесен, вреден и посветен, знаеше како да го пренесе своето искуство на младите, да ги поттикне да напредуваат, да веруваат…Ја заврши играчката кариера и почна да се кали тренерски во Автокоманда. Беше селектор на младинската македонска репрезентација и ја водеше со огромна верба за медал за која навремето дури и му префрлаа дека ги преценува своите избраници…Направи револуција со младината во вториот тим на Еурофарм Пелистер…Ја донесе шампионската титула во Битола, но остана некако недоречен и од некои околности спречен да биде тој и свој со првиот тим на шампионот на голема сцена. Кога виде дека не оди, од Битола замина тивко без да бранува. Пролет го дочека со раширени раце.
За тој што вреди секогаш има и друг тим. Сврте нова страница и продолжи понатаму со истатата посветеност на ракометот.
Таков беше Ацо. Малку зборуваше, но секогаш веруваше дека во ракометот се гледа што чини и што не чини и без многу зборови.
Беше еден од оние ретките искрени добронамерници во ракометниот свет. Тоа е токму вистинскиот збор што го отсликува Ацо Јовиќ, испратен со почит од неговиот Металург.
Ацо замина засекогаш на ракометен ден. На овој 15 јануари кога македонската ракометна репрезентација во Вараждин го игра првиот натпревар на СП 2025.
Можеби е судбина, некоја чудна коинциденција или некој божји знак за човекот што својот живот му го посвети на ракометот.
Последното испраќање ќе биде утре во капелата Бутел од 13:30 часот.
Почивај во мир, Ацо!