Sylvia Goeres

Гидсел и Берлин сонуваат европска круна: Мораме да бидеме совршени против Магдебург!

Тренерот на Фуксе Берлин, Николај Крикау, признава дека завршниот турнир во Келн носи посебна тежина, но неговиот фокус е насочен исклучиво кон полуфиналниот дуел против Магдебург.

Данецот вели дека во Келн се најдобрите четири екипи од Европа, а тоа го прави Ф4 уште поинтересен.

„Сите сонуваат да ја освојат Лигата на шампионите. За мене ова е ново искуство и сум исклучително мотивиран. Мислам дека годинава се пласираа четирите најдобри екипи во Европа, што го прави турнирот уште поинтересен“, изјави Крикау.

Данскиот стратег не сака да размислува за евентуалното освојување на титулата.

„Воопшто не размислувам за тоа. Единствено што ми е во мислите е како да го поминеме Магдебург. Ќе биде многу тешко. Ги загубивме последните два натпревари против нив, но верувам дека можеме да направиме нешто големо. Имаме квалитет, но мора да одиграме на највисоко ниво“, порача Крикау.

Најдобриот играч на Берлин, Матијас Гидсел, има огромен респект кон противникот.

„Магдебург можеби е најдобриот тим во светот во моментов. Загубивме двапати од нив оваа сезона, а тие доаѓаат како актуелни европски шампиони. Нè очекува исклучително тежок натпревар. Се познаваме многу добро, но направивме детална анализа и се надевам дека овојпат исходот ќе биде поинаков“, изјави Гидсел.

Данецот признава дека мотивацијата за првата титула во Лигата на шампионите е огромна.

„Секако дека сакам да ја освојам. Но знам колку е тешко тоа. Ова е најважниот викенд во сезоната, особено бидејќи не успеавме да ја освоиме Бундеслигата. Подготвени сме и се надевам дека научивме нешто од минатата сезона што ќе ни помогне овојпат“, додаде Гидсел.

Шведскиот кружен напаѓач Макс Дарј не ја крие возбудата пред настапот во Келн.

„Само кога ќе помислам на ова добивам морници. Настапот во Келн секогаш е нешто посебно. Сега сме фокусирани само на следните 60 минути и сакаме да одиграме најдобро што можеме“, истакна Дарј.

Полуфиналето меѓу Фуксе Берлин и Магдебург се игра од 15:00 часот, додека пресметката меѓу Алборг и Барселона стартува од 18:00 часот.