Ракометарите на тимот што беше можен противник на Вардар во Лигата на Европа, Спачва Винковци, викендов не успеаја да стигнат навреме за мечот против Карловац во хрватскиот шампионат, но затоа јавноста ги прогласи за херои.
Играчи и стручниот штаб кои патувале кон Карловац, му го спасиле животот на грчки државјанин – возач на камион, кој пред нив се превртел на автопатот.
На возачот му се слошило за време на патувањето, изгубил контрола над камионот и за жал не можел да го избегне тоа што се случило.
„Камионот неколку километри возеше неправилно и одеше од лента во лента. Веднаш забележавме дека ситуацијата не е добра, па почнав да свирам за да го запрам, но тој продолжи да вози. Целата оваа ситуација траеше околу петнаесетин километри. Тогаш камионот почна се повеќе да вози цик-цак по патот, а во еден момент се преврте. Веднаш истрчавме до камионот, се обидовме да ја отвориме вратата, но не можевме. Некои момци си ги раскрвавија рацете и нозете за да го извлечат возачот. Во целата таа гужва и тропање, возачот се освести. Успеавме да го извлечеме и да го однесеме покрај автопатот. Камионот почна малку да чади, па го обезбедивме со противпожарни апарати“, изјави Јосип Мечиќ, тренерот на тимот од Винковци за „24Сата“.
Била повикана полиција и брза помош, кои пристигнале на местото на настанот.
„Нашиот физиотерапевт ведна му даде прва помош на возачот, кој не знаеше англиски и имавме проблем со комуникацијата. На човекот му паднал шеќерот во крвта и тоа била причина не возеше како што треба“, заврши Мечиќ.
Натпреварот против Карловац е одложен за 30 октомври.