Средниот бек на Охрид, Тилен Стрмљан, со многу оптимизам и верба го најави реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот Куп против унгарската Татабања – натпревар кој може да донесе историски успех за охридскиот клуб.
Охриѓани на првиот натпревар во Унгарија одиграа одлично и славеа со 29-28, па сега пред својата публика ќе имаат голема можност да стигнат до првиот европски трофеј во клупската историја.
„Ни претстои последниот и најважниот натпревар оваа сезона. Го играме реваншот против Татабања во финалето на ЕХФ Европскиот Куп. Сите знаеме против каква екипа играме, тие беа фаворити за трофејот уште од самиот старт. Ние ќе го дадеме максимумот и се надевам дека со оваа публика, која сигурно ќе ни даде огромна поддршка, можеме да испишеме историја за овој клуб“, изјави Стрмљан.
Во Охрид владее вистинска ракометна еуфорија, а салата „Билјанини Извори“ ќе биде исполнета до последното место.
Поддршката од трибините се очекува да биде еден од најсилните адути на избраниците на Борис Ројевиќ во битката за европскиот пехар.
Натпреварот меѓу Охрид и Татабања се игра на 31 мај од 20:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, а билети веќе нема.
























