Ракометарите на Куманово со победа ја завршија сезоната во плеј-аутот од македонската Супер лига, откако во последното коло на гостински терен славеа против Пролет со 27-25.
Во израмнет и неизвесен натпревар, кумановци покажаа повеќе смиреност и концентрација во завршницата, што им донесе триумф за крај на сезоната. Домаќините имаа подобар старт и во најголем дел од првото полувреме ја контролираа играта, па на паузата заминаа со предност од 12-10.
Пролет отвори подобро и во вториот дел, кога поведе со 13-11, но тогаш гостите направија серија од четири гола по ред и го преземаа водството. Во продолжението се играше гол за гол, без поголема резултатска разлика на ниту една страна.
Во самиот финиш Пролет имаше водство од 24-23, но Куманово преку Ончев направи пресврт и повторно дојде во предност. Клучен момент беше промашениот седмерец на домашниот состав при резултат 25-24, по што гостите успеаја да ја сочуваат контролата над натпреварот.
Кога Куманово водеше со 26-25, Пролет имаше напад за израмнување, но не реализираше, па казната стигна преку Мамду Радван, кој погоди на празна мрежа за конечни 25-27.
Најефикасен во победничкиот тим беше Ончев со девет погодоци, додека кај Пролет се истакнаа Стојановски со пет, како и Андоновски и Стоилевски со четири гола.
























