Невидена доминација – Загреб стигна до 34 титула во Хрватска!

Ракометарите на Загреб ја потврдија доминацијата во хрватскиот ракомет и ја освоија шампионската титула, откако во финалето од плеј-офот славеа против Сесвете со 38-32 и ја добија серијата со 3-0.

За Загреб ова е 34. титула во клупската историја, а со неа тимот ја комплетираше двојната круна сезонава, откако претходно го освои и Купот на Хрватска со победа над Нексе.

Сесвете, кој за првпат во својата историја играше во разигрувањето за шампионската титула, добро го отвори натпреварот и имаше водство само во почетните минути. Сепак, Загреб брзо ја презема контролата и уште во 13. минута стигна до предност од три гола.

До крајот на првото полувреме фаворитот дополнително го засили ритамот и во еден момент имаше и „плус седум“, па веќе тогаш беше јасно во кој правец ќе се движи финалето. На паузата Загреб замина со водство од 21-16, а во вториот дел рутински ја одржуваше предноста до конечните 38-32.

Најефикасен во победничкиот состав беше Гиорги Сковребадзе со шест гола, додека по пет постигнаа Петар Топиќ и Станислау Садовски. Кај Сесвете се истакна Тин Баковиќ со девет погодоци, а Петар Лулиќ додаде седум гола.