Хаос во Црна Гора – уште еден машки клуб се откажува среде првенство!

Црвениот аларм во машкиот клупски ракомет во Црна Гора е веќе клучен, откако шампионот од сезона 2021/22, Будванска Ривиера поради финансиски проблеми (најверојатно) ќе се откаже од единственото сениорско натпреварување.

Клубот од Будва на 7 октомври требаше да го игра дерби дуелот со актуелниот шампион Ловќен од Цетиње, но поради големата криза, во која немаат ни топки ни дресови за тренирање, мораа да бараат одложување.

Сепак, ракометниот сојуз на Црна Гора одлучи натпреварот меѓу Будванска Ривиера и Ловќен да биде регистриран со 10:0, односно со службена победа за тимот од Цетиње.

Како што е познато, пред неколку недели, тимот на Комови, клуб кој важеше за погон на таленти, кои настапуваа во сите младински категории на Црна Гора, се повлече од црногорското првенство поради финансиски проблеми.

Ракометарот на Будванска Ривиера, средниот бек Слободан Булајиќ, во разговор за црногорскиот портал „Лоб Спорт“ истакна дека ситуацијата во црногорскиот ракомет е алармантна.

,,Вчера Даниловград и Комови, денеска Будванската ривиера, утре некој четврти… Црногорскиот клупски ракомет пропаѓа. Проблемот е што клубовите згаснуваат и никој ништо не презема. Мислам дека дојде последниот час некој да направи нешто за алармантната ситуација во нашиот ракомет, бидејќи оваа ситуација не е само во Будванската Ривиера, Даниловград и Комови. Повеќето клубови им должат плати на играчите кои треба да одат на суд за да ги бараат своите права. Вообичаено тоа се процеси кои траат предолго, а најчесто доведуваат до порака до младите луѓе дека немаат перспектива во овој спорт, се помалку таленти тренираат ракомет и навистина сум загрижен за иднината на нашиот спорт.“ изјави Булајиќ.

Според информациите на „Лоб Спорт“, ситуацијата не е ништо поразлична ниту во Мојковац. Клубот од северот на Црна Гора одлучи да настапува со кадети.

Своевремено беа Куп победници во Црна Гора, а сега ставаат „клуч на врата“!