Своевремено беа Куп победници во Црна Гора, а сега ставаат „клуч на врата“!

Поранешниот освојувач на Купот на Црна Гора, тимот на Комови, клуб кој важеше за погон на таленти, кои настапуваа во сите младински категории на Црна Гора, ја извести црногорската ракометна куќа дека се повлекува од единственото сениорско натпреварување во тамошниот шампионат.

Причините за згаснувањето на еден од најдобрите црногорски клубови е немањето спортска сала за тренинг. Ракометарите на Комови досега тренираа во спортската сала при средното и основното училиште „Бајо Јојиќ“, но како што наведуваат црногорските медиуми, училишната сала била затворена бидејќи била небезбедна и опасна за спортистите.

Иако претходните години имало низа ветување за подобрување на спортската инфраструктура во Андријевица, сепак, ветувањата останале само ветувања. Со оглед на тоа што немаат каде да тренираат, особено кога ќе започне зимскиот период, раководството на Комови се реши да го распушти тимот.

Клубот немал пари да финансира три екипи, бидејќи учесниците на Првата лига на Црна Гора мора да имаат тим во кадетската лига, па затоа од Комови решиле да го задржат само женскиот тим, кој ќе игра во Втората лига.

Од Комови произлегоа низа талентирани ракометари, дел од нив сега играат во странство, како стандардниот репрезентативец Александар Бакиќ, потоа средниот бек Владан Кастратовиќ, кој веќе гради успешна кариера во Македонија, младите Милорад Бакиќ, Мирослав Драговиќ и Никола Машовиќ кои играат за помладите национални категории во својата татковина…

Во новата сезона ќе се натпреваруваат вкупно 10 екипи во единственото сениорско натпреварување во Црна Гора. Пред една година, од лигата се повлече Даниловград, додека пред две сезони во Црна Гора имаше Прва и Втора лига.