Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се вратија на победничките патеки по поразот од Куманово и го совладаа составот на Вардар Неготино со 35-23. Домашните не препуштија ништо на случајот и обезбедија добра залиха пред полувремето, а во вторите триесет минути комплетно го надиграа гостинот и се радуваа на трите бода.
Сега битолчани имаат 24 бодови и се наоѓаат на второто место на табелата, а полека станува јасно дека тие заедно со Прилеп и Куманово имаат најголеми шанси за опстанок во елитната конкуренција.
Неготинци парираа до 6-5, потоа влегоа во серија грешки кои беа казнети од домашните. Еурофарм Пелистер 2 имаше на два пати и плус шест гола предност, но гостите не се откажуваа од камбек и до паузата ја преполовија негативата, 16-13.
На стартот на вториот дел, Вардар Неготино преку Адамовиќ намали на 16-14, но потоа гостите имаа „црна дупка“ во нападот и не погодија шест минути. Затоа домашните беа расположени за голови и се одлепија на плус шест, 20-14.
Тоа беше клучниот период на мечот. Избраниците на Михаил Петровски не попуштаа во темпото, а неготинци кои имаа скратен ростер немаа сили за нешто повеќе од овој натпревар и на крајот си заминаа со убедлив пораз од Битола.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Алем Хаџиќ со 11 и Петар Маркоски со седум погодоци, додека кај Вардар Неготино се истакнаа Лазар Адамовиќ со осум и Драган Кузманов со четири гола.