Група Ц: Најизедначена група на ЕП, но Исланд е фаворитот број еден

24Ракомет - единствениот специјализиран портал за ракомет, до стартот на Европското првенство со серија анализи од истакнати тренери ќе Ви ги претстави сите групи и учесници на континенталниот собир. Групата Ц за 24Ракомет ја анализира Стевче Алушовски.

Групата Ц е една од најизедначените на Европското првенство 2024. Подеднакви шанси за првите две места имаат репрезентациите на Исланд, Србија и Унгарија, што не значи дека репрезентацијата на Црна Гора е отпишана, но според сѐ она што е досега видено, во квалификациите и на претходните првенства, мислам дека Црногорците тука се аутсајдери. Ги започнаа подготовките со само десет играчи, без интернационалци, па гледајќи ги ростерите на репрезентациите и стручните штабови со кои располагаат, мислам дека Црна Гора е без шанси за второто место во групата.

На Европското првенство сѐ е можно, видовме што се случи на претходното Европско првенство кога Црна Гора беше едно од најпријатните изненадувања на оној корона шампионат. Црногорците тогаш беа со најмногу заразени играчи од Ковид, но направија чудо. Црна Гора секако дека има квалитетни ракометари, тука пред сѐ мислам на голманот Небојша Симиќ, крилото Милош Вујовиќ, десниот бек Бранко Вујовиќ, младиот Радојца Чепиќ, играчи кои што се во полна снага и играчи кои можат да го понесат товарот.

Во однос на претходните првенства, речиси во сите репрезентации ростерот е идентичен. Кај Црна Гора се враќа Вуко Борозан, ќе видиме колку е тој подготвен да го одигра првенството на високо ниво, но во глобала сите репрезентации се со идентичен состав од квалификациските натпревари. Иако кај Унгарија ги нема голманите Миклер и Секељ, сепак, тука е голманот на Ла Риоха, Кристоф Паласич, тој е доста квалитетен, иако не е на ниво на Миклер и Секељ, но секој кој што е во репрезентација има одредени квалитети. Ова е крајот на олимпискиот циклус, сите репрезентации ќе дојдат да обезбедат учество на олимписките квалификации и сите овие репрезентации доаѓаат со проверени сили.

Унгарија

Унгарија е веќе пласирана на олимписките квалификации, но ќе има голем притисок од јавноста, сите знаеме што значи ракометот во Унгарија и колку се вложува во унгарскиот ракомет во последните години. Во Унгарија имаше големи промени на селекторската функција пред да дојде Чема Родригез, тој добро ја познава репрезентацијата, знае што прави, го применува шпанскиот систем кој носи резултати и резултатот на унгарската репрезентација на Европското првенство најмногу ќе зависи пред сѐ од здравјето на еден од најдобрите пикери Бенце Банхиди. Она што го гледав на последниот натпревар во Полска меѓу Висла Плоцк и Келце, нивниот среден бек Фазекаш е во страшна форма, исто така, тука ѐ и Мате Лекаи, играч кој играл на многу натпреварувања. Може да се заклучи дека Унгарија е една сериозна репрезентација, го имаат и Доминик Мате од ПСЖ. Според мене, најслаби се на левата бековска позиција, една од клучните позиции за поголем успех, што не значи дека Бодо и друштвото нема да бидат на висина на задачата. Станува збор за една репрезентација која е долго време заедно, ќе сакаат да бидат репрезентацијата која ќе продолжи во главната рунда.

Нивниот стил на игра е добро познат. Најмногу играта на Унгарија ќе зависи од нивниот пивотмен Банхиди, не дека Рошта и останатите не се добри, сепак, Банхиди е нешто сосема друго, доминантен играч. Играта на Унгарија најмногу ќе се базира на цврста одбрана, одбрана која ќе го натера противникот да греши, а после тоа брза транзиција и во напад многу ситуации два на два, тоа според мене ќе биде карактеристиката на унгарската репрезентација.

Клучни играчи: Бенце Банхиди, Герго Фазекаш, Доминик Мате

Исланд

Од моето искуство на Исланд, знам како работи Снори Гудјонсон, кој беше тренер во тимот на Валур. Тој ги прати модерните трендови, играта на Исланд ќе се базира на цврста одбрана и брза транцзиција. По мене Исланд во моментов е најкомплетната репрезентација, нивните играчи се носители во Бундес лигата и во актуелниот европски првак Магдебург. Пред сѐ мислам на Гисли Кристијансон, Омар Магнусон, левото крило Бјарки Мар Елисон од Веспрем, потоа Арон Палмарсон, кој се врати во Исланд и ѐ желен за едно големо натпреварување. Знаеме дека исландската лига не е лига која што бара максимален физички напор, така што верувам дека тој ќе биде поодморен во однос на останатите играчи, но и желен за докажување. По мене Исланд е фаворит во групата.

Снори Гудјонсон е млад тренер, станува збор за тренер кој има доста од шпанската школа во неговата игра, пред сѐ во играта во одбраната. Исландската репрезентација е млада репрезентација со исклучително квалитетни поединци, ќе тргнам од голманот Виктор Халгримсон, кој на последното Европско првенство беше еден од нивните најдобри поединци. Исланд е репрезентација која е составена од играчи кои играат во топ 3 екипи во Европа, репрезентација која е долго време заедно, имаа промена на селекторската функција, со новиот селектор малку време се заедно, но тоа не значи дека Гудјонсон е нешто послаб од претходниот,  така по мене, репрезентацијата на Исланд не само што е фаворит во групата, кога ќе го погледнеме целокупниот ждреб за следната фазата, очекувам четвртфинале за Исланд и пласман во олимписките квалификации.

Има разлика во начинот на игра кога Исланд го водеше претходниот и сегашниот селектор, пред сѐ во играта во одбрана. Претходниот селектор сакаше одбрана 6-0, која беше густа на средина, но со малку напаѓање и сметам дека ќе има разлика во играта, особено во одбраната. По она што го пратев во Исланд, екипата на Гудјонсон (Валур) беше едно од најпријатните изненадувања во Лигата на Европа, таа екипа ја карактеризираше цврстата одбрана и брзата транзиција, мислам така сега така ќе биде и во репрезентацијата.

Клучни играчи: Гисли Кристијансон, Омар Магнусон, Виктор Халгримсон

Србија

И Србија е репрезентација која долго време нема драстична промена во ростерот на играчи. Имаат мал пех со повредата на Марко Милосављевиќ. Знаеме дека нивниот селектор е четири години со нив, дадена му е шанса да избори Олимписки игри. Србија секогаш била блиску, но секогаш нешто недостасувало, можеби поради нашиот балкански менталитет. Се работи за еден многу квалитетен состав, можеби на десната бековска позиција повредата на Милиќ од Војводина е мал хендикеп, но српската репрезентација многу доби со доаѓањето на Драган Пешмалбек, играч кој игра два правци, така што се работи за една сериозна репрезентација, со многу добар селектор. Искрено мислам дека имаат шанси да го остварат тоа што го зацртале за ова Европско првенство.

Позитивни страни во репрезентацијата на Србија е организираниот напад, додека мал хендикеп е тоа што ни еден од левите бекови кои можат да бидат сериозна закана за противникот во напад, не се добри во одбраната, тука пред сѐ мислам на Ѓорѓиќ, па и на Урош Борзаш. Ниту Кос не е на високо ниво во одбрана, единствено Пушица и Абутовиќ се добри, но тие воглавно играат само одбрана и тоа е мал хендикеп.

Србија е една искусна репрезентација со играчи како Марсениќ, Радивојевиќ, Милосављев…На Србија ќе и биде потешко да излезе како втора во групата, а потоа сѐ е возможно, ќе се вратам на далечната 2012 кога Данска имаше нула бодови на стартот од главната фаза, па стана европски првак. Секогаш потешки се првите натпревари, тие се и најбитни, сѐ ќе зависи од нивниот прв натпревар, од тој натпревар ќе зависи и нивниот настап на остатокот од Европското првенство.

Клучни играчи: Лазар Кукиќ, Мијајло Марсениќ, Дејан Милосављев

Црна Гора

Има голема разлика во играта која ја применуваат Владо Шола и екс-селекторот Зоран Рогановиќ. Црна Гора беше деветта на последното Европско првенство и си дозволи луксуз да изгуби од БиХ во квалификациите. Не се сомневам дека Црногорците ќе бидат фанатично борбени, тоа на нив им е во крвта, но се она што се случува околу Борозан, неговото враќање во репрезентацијата, па заминувањето од Ловќен, сите тие приказни малку ќе ја разнишаат атмосферата околу репрезентацијата. Црна Гора има доста квалитетни и млади играчи. Црногорците со идентичен состав и селектор на Европското првенство беа 9 место, потоа на Светското завршија на 18 место, следуваше оставка на Рогановиќ, но играта на двата шампионати беше иста. Црна Гора ја краси фанатичната борбеност, немаат играчи од светска класа, но имаат добри играчи, по мене она што ќе треба да ги краси е заедништвото.

Не верувам дека Владо Шола има време да смени нешто, знаеме дека Рогановиќ е тренер кој практикува скандинавска школа на ракомет. Од она што го гледавме и она што може да го игра црногорската репрезентација во одбрана се зоните 6-0 и 3-2-1 или 5-1, но колку тоа ќе биде успешно ќе видиме, бидејќи Црна Гора нема висок пивот. Вук Лазовиќ не е класичен пивот, тој е повеќе специјалист, мора да менуваат, ќе биде многу тешко во оваа група да бидат сериозни. Гледајќи на хартија, гледајќи ги составите, како и резултатите во квалификациските натпревари и сѐ што се случуваше пред првенството, Црногорците ги ставам како аутсајдери. Имаат добри бекови, крила, единствена мана според мене е пивотменот, кој за мои стандарди е низок и кој нема да може да се враќа во брза транзиција назад, а знаеме каква транзиција имаат Унгарија, Србија и Исланд.

Клучни играчи: Небојша Симиќ, Милош Вујовиќ, Бранко Вујовиќ.


*Стевче Алушовски е поранешен македонски репрезентативец, 21 година го носеше дресот на националниот тим. Потекнува од составот на Пелистер, а во својата клупска кариера ги носеше дресовите и на Вардар и Металург. Тренерската кариера ја започнува во Академија Алушовски, работејќи со млади таленти. Во 2017 застанува на чело на сегашниот македонски шампион Пелистер, а веќе наредната сезона станува тренер на тогаш амбициозниот проект Еурофарм Работник. Го водеше Вардар во Лигата на шампионите, еден период работеше како тренер во Исланд во Тор Акурејри, а моментално го предводи амбициозниот тим на Охрид.