Глигоров: Не бевме дисциплирани во клучни моменти, среќа што на крај излезе реми!

Тимот на Голден Арт имаше шанса да победи на гостувањето кај Прилеп, но последниот удар не беше реализиран, па скопјани мораа да се задоволат само со бод, 28-28.

Тренерот на гостите, Филип Глигоров, вели дека ваквиот исход е најреален, но жали што неговите играчи не ја задржаа топката до крајот на мечот во свој посед, па можеа и да загубат.

„Добро го отворивме натпреварот натпреварот против една добра екипа каква што е Прилеп, имавме водство од четири гола, меѓутоа при крајот на првиот дел направивме недозволиви технички грешки. Тоа не треба да ни се случува, особено на гостински терен, Прилеп се врати во игра и водеше со еден на пауза. Во вториот дел држевме ритам, го преземавме водството, па се играше гол за гол, но во клучни моменти не бевме дисциплирани во напад, кога имавме играч повеќе. Дури и среќа што излезе нерешено на крајот. Наместо ние да ја држиме топката и да го имаме последниот напад, ние на петнаесетина секунди до крајот ја фрливме и резултатот излезе како што излезе, можеби најреален“, вели Глигоров.

Голден Арт ја продолжува битката за плеј-оф, иако сега заостануваат со пет, односно два бода од Пролет и Бутел Скопје.

„Ние не се откажуваме од борба за плеј-офот, одиме натпревар по натпревар, целта ни е позната, не смееме да паѓаме во ритамот. Овој резултат и овој натпревар треба да ни биде поука што помалку технички грешки и дека не смееме вака да се однесуваме кога имаме позитивен резултат“, вели Глигоров.

Голден Арт во следното коло на домашен терен ќе го пречека тимот на Вардар.

Драма во Прилеп – двете екипи можеа да победат, но на крај освоија по бод!