Машката кадетска репрезентација загуби со 24-17 (9-4, 8-6, 7-7) од светскиот вицепрвак Шпанија во третото коло од Медитеранското првенство во словачкиот град Шаморин. Иако Македонија имаше можност да го доби последниот период, сепак на крајот тој заврши реми и со „фуријата“ славеше со 4,5-0,5.
Македонија сега на некомплетната табела по три меча е на третото место со 6,5 бодови, а денеска ја очекува уште еден натпревар од 13:30 часот против Грција. Утре е слободен ден за македонските кадети, в четврток е дуелот со Косово, додека в петок пресметката со Романија, а в сабота мечот за пласман.
Натпреварите на овој шампионат се игра во три третини по 15 минути, се добива по еден бод за секоја добиена третина (или по 0,5 ако е реми), и уште два за победа.
Во првите пет минути, македонската одбрана на чело со голманот Фехми не прими гол, но и шпанската одбрана беше добра, па Македонија водеше со 1-0. Но како одминуваше времето така „фуријата“ ја преземаше контролата, македонските кадети промашија два пенали и ривалот го доби првиот период со 9-4.
Во втората третина Македонија намали на 12-8, но потоа беа промашени уште два пенали, не беа реализирани два напади за да се намали уште повеќе разлика и Шпанија казни со два гола во серија за 14-8. На крајот на вторите петнаесетина минути беше 17-10, а „фуријата“ го доби овој период со 8-6.
Во третата третина, која заврши 7-7, Македонија имаше шанси да освои цел бод, откако доби пенал, кој по истекот на времето не го реализира Ѓорѓиевски, па мечот заврши 24-17 (4,5-0,5).
























