Ракометарите на Еурофарм Пелистер рутински одработија на гостувањето кај Струга и славеа со 35-24 во натпреварот од 13 рунда во суперлигашкиот плеј-оф.
Сега битолчани ги дели уште една победа до одбрана на титулата, иако може тоа да се случи и порано ако Вардар киксира со Охрид. Еурофарм Пелистер сега 38 бода на првото место, додека „црвено-црните“ се втори со 33 бода и меч помалку.
Стружани пружија отпор во првиот дел, водеа во неколку наврати со гол или два, но паднаа во ритамот пред паузата. По 10-9 за Струга, момците на Бранко Ангеловски врзаа пет гола во серија за 14-10 и до паузата ја задржаа предноста, 16-12.
Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата, па битолчани сега ќе се посветат на последното коло и натпреварот во „Боро Чурлевски“.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Цветан Кузманоски со осум гола, а по четири гола имаа Петар и Павле Атанасијевиќ, Нејц Цехте и Богдан Радивојевиќ. Во редовите на Струга се истакнаа Мерис Бошњак со седум гола и Александар Тренчевски со пет погодоци.
Во последната рунда Еурофарм Пелистер на свој терен ќе го пречека тимот од Автокоманда, кој минатата недела славеше против пелистерци во финалето на Купот на Македонија.